Кеј Димитар Влахов бр. 19 1000 Скопје • +389 2 3115 783
Република Северна Македонија

Државен aрхив

Историјата добива допир: Државниот архив со инклузивно издание за лицата со попреченост на видот

Историјата добива допир: Државниот архив со инклузивно издание за лицата со попреченост на видот

Директорот на Државниот архив, м-р Димитар Богески, во прилог за централниот Дневник на МРТ го претстави каталогот „Документи што зборуваат на допир“, прво вакво издание во Македонија наменето за лицата со оштетен вид.

Во своето обраќање, Богески истакна дека историјата не им припаѓа само на историчарите и архивистите, туку таа е заедничко наследство на сите граѓани. Токму затоа, Државниот архив континуирано работи на доближување на националната меморија до пошироката јавност, создавајќи услови за еднаков пристап до архивското богатство.

Каталогот „Документи што зборуваат на допир“ претставува значаен чекор кон поголема инклузивност во културата и зачувувањето на историското наследство. Со неговото објавување, лицата со попреченост на видот добиваат можност да се запознаат со дел од најзначајните архивски документи и да прочитаат повеќе за настаните и личностите кои ја обликувале македонската историја.

„Oна што го имаат граѓаните како перцепција од минатото е дека Архивот е една затворена институција и дека се кријат документи или не се даваат, ние сега сакаме со дела тоа да го промениме и да им кажеме на граѓаните дека се добредојени да дојдат да истражуваат и да направиме што е можно повеќе истражувачи да дојдат и да истражуваат“, истакна Богески.

Со ова издание, Државниот архив уште еднаш ја потврдува својата определба за унапредување на пристапноста, еднаквите можности и современите стандарди во презентацијата на архивските материјали, испраќајќи силна порака дека историјата е жива, достапна и припаѓа на сите.

 

Facebook
X
LinkedIn
Print
Email