Кеј Димитар Влахов бр. 19 1000 Скопје • +389 2 3115 783
Република Северна Македонија

Државен aрхив

Во Собранието отворен меѓународниот симпозиум за 35 години македонска независност и уставност

Во Собранието отворен меѓународниот симпозиум за 35 години македонска независност и уставност

Денес, во Собранието на Македонија, започна Меѓународниот научен симпозиум „Уставност, суверенитет и традиција: 35 години независна македонска држава“. Настанот е во организација на Државниот архив и Институтот за национална историја, а се одржува по повод 35-годишнината од независноста на државата и донесувањето на нејзиниот прв Устав.

На свеченото отворање се обратија претседателката на државата, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Собранието, Африм Гаши, и директорот на Државниот архив, м-р Димитар Богески.

Во своето обраќање од собраниската говорница, директорот Богески го нагласи значењето на архивските документи како автентични сведоштва за историските процеси, зачувувањето на колективната меморија и потврдувањето на меѓународноправниот субјективитет на државата.

„Нашата цел е да овозможиме научна анализа и претставување на институционалните облици и процеси преку кои се развивала македонската државност од крајот на 19. и почетокот на 20. век. Токму архивските извори овозможуваат да се проследат генезата на идејата за сопствена држава, нејзиниот политички и правен развој, како и историските процеси што доведоа до стекнувањето на независноста“, истакна Богески.

Тој посочи дека во услови на различни историски толкувања и обиди за наметнување поинакви наративи за минатото на македонскиот народ, архивските фондови претставуваат примарни извори за аргументирано и научно толкување на фактите. Според него, покрај историската, овие документи имаат и суштинска правна и политичка улога во потврдувањето на државниот континуитет, особено во контекст на современите општествени околности и европските интеграции.

„Во нив се содржани историското искуство, државотворната мисла и континуитетот на стремежот на македонскиот народ за сопствена држава. Во архивските фондови на Државниот архив се чуваат документи поврзани со суверените права на државата, нејзиниот територијален интегритет, меѓународното признавање и воспоставувањето дипломатски односи, како и одлуки на највисоките државни институции“, нагласи директорот на Државниот архив.

Осврнувајќи се на клучните историски пресвртници, Богески ги издвои одлуките на АСНОМ од 2 август 1944 година, документите од референдумот на 8 септември 1991 година, актите за прогласување на независноста и документите поврзани со Охридскиот рамковен договор како темелна основа за проучување на современата македонска историја. Притоа, тој ја потенцираше и улогата на Архивот во функционирањето на правната држава, транспарентноста и меѓународната културна и научна афирмација на земјата.

Симпозиумот обединува истакнати научници, историчари, правници и истражувачи, кои преку своите излагања и дискусии ќе дадат придонес во продлабочувањето на сознанијата за македонската државноправна традиција и уставен развој.

Facebook
X
LinkedIn
Print
Email
Соопштенија
Интерен оглас бр.02/2026