Кеј Димитар Влахов бр. 19 1000 Скопје • +389 2 3115 783
Република Северна Македонија

Државен aрхив

Отворена изложбата „Прилеп по 1945 – години на промени и развој“

Отворена изложбата „Прилеп по 1945 – години на промени и развој“

Во Прилеп беше отворена изложбата на архивски документи и фотографии под наслов „Прилеп по 1945 – години на промени и развој“, која преку 17 изложбени паноа ја прикажува повоената обнова, општествениот развој и трансформацијата на градот во модерен урбан и културен центар.

На отворањето присуствуваа директорот на Државниот архив, Димитар Богески, градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Продановски, како и многубројни граѓани, соработници и љубители на историјата.

Преку автентични архивски документи, фотографии и статистички податоци, изложбата го документира развојниот пат на Прилеп по 1945 година, опфаќајќи ги процесите на повоена обнова, воспоставувањето на локалната власт, описменувањето на населението, како и формирањето и развојот на значајните институции од областа на културата и општествениот живот.

Обраќајќи се пред присутните, директорот на Државниот архив, Димитар Богески, ја истакна важноста на архивското наследство во зачувувањето на колективната меморија и пренесувањето на историските сведоштва на идните генерации.

„Секој грижливо сочуван документ и секој фотографски негатив претставува мост помеѓу минатото и иднината, овозможувајќи ни не само да се потсетиме на историските пресвртници, туку и со гордост да ги пренесеме тие трајни вредности на генерациите што доаѓаат“, истакна Богески.

Изложбата претставува сведоштво за визијата, трудот и посветеноста на генерациите прилепчани кои со својата работа придонеле за развојот на градот. Истовремено, таа ја потврдува незаменливата улога на архивската дејност во истражувањето, документирањето и афирмирањето на локалната и националната историја.

Со оваа изложба, Државниот архив уште еднаш ја потврдува својата посветеност на зачувувањето и презентацијата на архивското богатство, доближувајќи ги историските сведоштва до пошироката јавност и создавајќи можности за нивно запознавање од страна на сегашните и идните генерации.

Facebook
X
LinkedIn
Print
Email