Кеј Димитар Влахов бр. 19 1000 Скопје • +389 2 3115 783
Република Северна Македонија

Државен aрхив

Богески за Newsmax Balkans: Државниот архив низ процес на дигитална трансформација

Богески за Newsmax Balkans: Државниот архив низ процес на дигитална трансформација

За актуелните активности, идните развојни насоки и можностите за унапредување на архивската дејност во Република Северна Македонија, директорот на Државниот архив, м-р Димитар Богески, говореше во гостувањето на телевизијата Newsmax Balkans.

Во разговорот акцент беше ставен на процесите на модернизација на институцијата, дигитализацијата на архивското работење и потребата од воспоставување современ систем за управување со архивските документи. Овие процеси претставуваат значаен дел од напорите за унапредување на работењето на Државниот архив, со цел поефикасно извршување на неговите надлежности и подобрување на пристапот до архивското богатство.

Дигиталната трансформација отвора нови можности за заштита, обработка, чување и користење на архивската граѓа. Преку примената на современи технологии и развојот на соодветни системи за управување со документи, се создаваат услови за полесно пребарување и пристап до архивските материјали, во согласност со законските прописи и принципите за нивно соодветно чување и заштита.

Посебно значење има и зголемувањето на достапноста на архивската материјали за граѓаните, истражувачите и научната јавност. Архивските документи се значаен извор на информации за историските процеси, институционалниот развој и културното наследство на државата. Нивната соодветна заштита, обработка и достапност придонесуваат за продлабочување на научните истражувања, зачувување на колективната меморија и пренесување на историските сведоштва на идните генерации.

– „Сега доаѓаат нови времиња. Ние треба да размислуваме за 100 години однапред. Со дигитализацијата и со современите услови за чување на архивските документи, мора да размислуваме за нешто ново. Тоа би значело преселување во друга, наменска зграда “, посочи Богески

Оваа година Државниот архив одбележува 75 години од своето основање, јубилеј што ја истакнува неговата долгогодишна улога во заштитата и зачувувањето на архивската граѓа како значаен дел од историското и културното наследство на државата. Воедно, јубилејот претставува можност да се согледаат досегашните достигнувања, но и да се насочат идните активности кон современи пристапи во архивското работење.

Државниот архив продолжува со активности насочени кон модернизација на институцијата, унапредување на процесите на управување со архивските документи и создавање услови за развој на современа, ефикасна и дигитално развиена архивска институција. Преку овие заложби, институцијата останува посветена на својата основна мисија – заштита, зачувување и овозможување пристап до архивското богатство за сегашните и идните генерации.

Facebook
X
LinkedIn
Print
Email