Кеј Димитар Влахов бр. 19 1000 Скопје • +389 2 3115 783
Република Северна Македонија

Државен aрхив

Богески за „Вечер“: Архивските документи се темел на нашата историска вистина

Богески за „Вечер“: Архивските документи се темел на нашата историска вистина

По повод 11 Октомври, Денот на народното востание, весникот „Вечер“ објави два историски документа од Државниот архив, кои сведочат за настаните во Прилеп во 1941 година.
Станува збор за скица од нападот на I полициски участок и документот „Карактеристика“, со податоци за Душко Сотиров Наумовски, кој го испукал првиот истрел.
Директорот на Државниот архив, м-р Димитар Богески , во изјава за „Вечер“ го истакна исклучителното историско и истражувачко значење на овие документи, кои меѓусебно се надополнуваат и овозможуваат поцелосно согледување и реконструкција на настаните од 11 Октомври 1941 година. Тој ја нагласи и незаменливата улога на архивските сведоштва во утврдувањето на историските факти и зачувувањето на македонското историско и национално паметење.
– Значењето на овие два архивски документа е особено големо бидејќи меѓусебно се надополнуваат и ни овозможуваат поцелосно да ги согледаме историските настани. Скицата дава прецизен приказ на местото и на организацијата на нападот, додека биографскиот документ ни открива податоци за еден од неговите непосредни учесници, неговиот револуционерен пат и личниот придонес во борбата. Во Државниот архив се чуваат бројни оригинални документи, извештаи, скици, биографски материјали и други сведоштва поврзани со НОБ. Нивната историска и истражувачка вредност е од исклучително значење за проучувањето на овој период, бидејќи овозможуваат реконструкција на настаните, утврдување на историските факти и расветлување на улогата на поединците кои учествувале во нив. Токму ваквите архивски сведоштва ја потврдуваат незаменливата улога на Државниот архив во зачувувањето на македонското историско и национално паметење. Преку нив, историските настани добиваат своја документарна потврда, а идните генерации добиваат можност да ја истражуваат и да ја разберат сопствената историја врз основа на автентични извори – нагласува Богески.
Благодарност до весникот „Вечер“ за објавувањето и за придонесот во афирмирањето на архивското наследство.
Facebook
X
LinkedIn
Print
Email