Во просториите на Државниот архив беше извршено предавање на вреден архивски материјал создаден од познатиот новинар и дипломат, починатиот м-р Мартин Треневски. Материјалот, кој е сместен во 12 архивски кутии, на Комисијата за откуп и подароци при Државниот архив официјално му го предаде сопругата и законски наследник, Василка Попоска-Треневска.
На оваа средба присуствуваа директорот на Државниот архив, м-р Димитар Богески, и д-р Бранислав Светозаревиќ.
Предадениот материјал содржи исклучително важни документи и сведоштва, меѓу кои:
- Материјали и преписка од дипломатскиот период
- Документи за македонската дијаспора (Австралија, црковни прашања и др.)
- Информации и извештаи од Министерството за надворешни работи
- Весници, исечоци, брошури и објавени книги од м-р Мартин Треневски
- Истражувачки студии, скрипти и други значајни материјали
На средбата беше истакнато дека соработката ќе продолжи и во иднина, при што семејството ја искажа својата подготвеност за донирање и на други нови архивски материјали за Државниот архив.
Државниот архив изразува голема благодарност до семејството за овој драгоцен подарок, кој трајно ќе се чува во Архивот и ќе биде достапен за истражувачите и идните генерации како сведоштво за македонската дипломатија и новинарство.