Директорот на Државниот архив м-р Димитар Богески даде интервју за „Слободен печат“, кое ви го пренесуваме интегрално.
Македонија досега добила дигитални копии од архивски документи од периодот на Кралството Југославија и СФРЈ, кои се однесуваат на нејзината територија, но сè уште чека преземање на два важни меѓудржавни договори во оригинал. Во меѓувреме, останува отворено и прашањето дали во архивите во Белград има документација од поранешните југословенски безбедносни служби и дали таа може да помогне во расветлувањето на настани како обидот за атентат врз Киро Глигоров. Директорот на Државниот архив, Димитар Богески одговара на неколку прашања на „Слободен печат“ и објаснува што досега е преземено, на кои документи Македонија има право и какви можности за истражување ги отвора Анексот Д од Спогодбата за сукцесија, откако повторно се актуализираше прашањето за отворање на безбедносните архиви во Белград.
Каква е улогата на Државниот архив во процесот на сукцесија на архивската граѓа од поранешна СФРЈ? Дали Македонија досега добила архивски материјали од Србија и за каков вид документи станува збор?
Државниот архив на Македонија активно учествува во спроведувањето на Анексот Д од Спогодбата за прашањата за сукцесија на поранешна СФРЈ, потпишана во Виена на 29 јуни 2001 година, а стапена во сила на 2 јуни 2004 година. Со овој анекс се уредуваат прашањата поврзани со распределбата, преземањето и пристапот до архивскиот материјал на поранешната заедничка држава. Институционалната соработка во оваа област има долгогодишен континуитет.
Уште на 11 ноември 2004 година Државниот архив склучил Спогодба за соработка со тогашниот Архив на Србија и Црна Гора, денешен Архив на Југославија, а во 2006 година Република Македонија доставила список на архивски материјали што ги побарува од Република Србија. Во рамките на овој процес, Државниот архив редовно учествува на работните состаноци на претставниците на архивските институции од земјите сукцесори и остварува континуирана соработка со надлежните архивски институции во Република Србија.
Како резултат на досегашната соработка, билатералните средби и истражувачките престои во Архивот на Југославија, Дипломатскиот архив и Воениот архив во Белград, изработени се и преземени дигитални копии од архивски материјали од периодот на Кралството Југославија и СФРЈ, кои се однесуваат на Македонија. Согласно Анексот Д, Македонија има право и на преземање определени документи во оригинал, меѓу кои се Договорот за проблемите од водостопанството меѓу ФНРЈ и Грција од 1959 година и Договорот за чување и обновување на пограничните ознаки на југословенско-грчката граница.
Според расположливата документација, постапката за нивно преземање останува отворена. Имплементацијата на Анексот Д е вклучена во стратешките цели на Државниот архив, а наш приоритет останува дигитализацијата и преземањето на архивските материјали што се однесуваат на Македонија и се чуваат во архивските институции во Република Србија.
Дали во Државниот архив се чуваат досиеја или други документи од поранешните југословенски безбедносни служби? Доколку ги има, на кој период и на кои институции се однесуваат?
Во однос на архивскиот материјал од поранешните југословенски безбедносни служби, важно е да се нагласи дека Анексот Д од Спогодбата за сукцесија го уредува прашањето за архивското наследство на поранешната СФРЈ, вклучувајќи ги и документите создадени во работењето на поранешните сојузни институции, доколку ги исполнуваат условите утврдени со Спогодбата.
Утврдувањето на постоењето, обемот и содржината на конкретни досиеја од безбедносните служби бара увид во архивските евиденции и фондовите на институциите што ги создавале и чувале тие документи.
Во рамките на процесот на сукцесија, Државниот архив продолжува со активностите за идентификација и обезбедување пристап до архивскиот материјал што се однесува на Македонија, во согласност со одредбите од Анексот Д и важечките законски прописи.
Како историчар, сметате ли дека Македонија треба токму во овој период да иницира барање до Белград за пристап до овие документи? Кои историски и политички прашања би можеле да се расветлат со нивното отворање? Колку ваквите документи би можеле да придонесат за расветлување на настани од поновата македонска историја, како што се атентатот врз поранешниот претседател Киро Глигоров, убиството на војникот Сашо Гешовски и процесите во периодот на транзицијата?
Од историски и архивистички аспект, сметам дека обезбедувањето пристап до архивските документи од поранешната СФРЈ е од особено значење за поцелосно истражување и разбирање на македонската историја. За таа цел, веќе постои јасна меѓународноправна основа утврдена со Анексот Д од Спогодбата за сукцесија, кој ги регулира правата на државите наследнички во однос на архивскиот материјал на поранешната заедничка држава.
Особено значаен е членот 7 од Анексот Д, кој предвидува слободен и непречен пристап на претставниците на заинтересираните држави до определени архивски материјали создадени до 30 јуни 1991 година. Притоа, треба да се има предвид дека одредбите од Анексот Д се однесуваат на архивскиот материјал на поранешната југословенска држава, додека пристапот до документацијата за настаните од подоцнежниот период се разгледува согласно надлежностите на институциите што ја поседуваат и важечките законски прописи.
Државниот архив континуирано работи на спроведувањето на овие одредби преку соработка со архивските институции на државите сукцесори. Процесот на сукцесија на архивскиот материјал се реализира преку воспоставените институционални механизми, во соработка со надлежните државни органи, со цел доследно спроведување на одредбите од Анексот Д и обезбедување пристап до архивското наследство од значење за Македонија. Сметам дека пристапот до дополнителни архивски извори би овозможил нови сознанија за институционалниот, општествениот и политичкиот развој на Македонија во рамките на поранешната југословенска држава, како и за одредени процеси и настани од нашата понова историја.
Во однос на конкретните настани што ги споменувате, меѓу кои атентатот врз поранешниот претседател Киро Глигоров, убиството на војникот Сашо Гешовски и процесите во периодот на транзицијата, нивното дополнително историско истражување би зависело од постоењето и содржината на релевантните архивски документи. Секој нов извор може да придонесе за дополнување на постојните сознанија, при што неговата историска вредност се утврдува преку стручна анализа и споредување со другите достапни извори.
Како историчар и директор на Државниот архив, сметам дека нашата задача е да обезбедиме што поцелосна архивска документација за историјата на Македонија, да ја зачуваме за идните генерации и да создадеме услови за нејзино научно истражување. Токму затоа, продолжувањето на активностите во рамките на Анексот Д останува еден од нашите институционални приоритети.