Државниот архив денес беше место за нови сознанија за учениците од училиштето „Братство“ од Нерези, Општина Карпош, кои имаа можност одблиску да се запознаат со работата на Архивот и со значењето на зачувувањето на нашето културно и историско наследство.
Во рамките на посетата, учениците ги разгледаа секторите за реставрација и конзервација, дигитализација, како и одделенијата каде што се врши средување и обработка на документи од османлискиот период и работата на библиотеката. Преку непосреден увид во работните процеси, тие се запознаа со начинот на чување на документите, архивирање, заштитување и нивно реставрирање, со цел да се сочуваат за идните генерации.
Учениците беа пречекани од директорот на Државниот архив, м-р Димитар Богески, кој им посака добредојде и ја истакна важноста на запознавањето на младите со архивското работење и со богатото историско наследство што го чуваме.
Ваквите посети се можност младите да откријат дека архивите не се само чувари на минатото, туку и важен дел од градењето на знаењето, идентитетот и иднината.