Кеј Димитар Влахов бр. 19 1000 Скопје • +389 2 3115 783

Република Северна Македонија

Државен Архив

„Историјата што се чита со допир“ – Гостување на директорот Богески, во „ЗДРАВО Македонијо“

„Историјата што се чита со допир“ – Гостување на директорот Богески, во „ЗДРАВО Македонијо“

Директорот на Државниот архив, Димитар Богески, во емисијата „Здраво Македонијо“ зборуваше за значајната публикација – каталогот „Документи што зборуваат на допир“, проект со кој македонското историско и културно наследство се доближува до лицата со оштетен вид.

Каталогот се состои од 63 страници и содржи избрани документи, скици и географски карти приспособени на Брајово писмо, со што се овозможува поинаков пристап до архивските материјали и историските сведоштва.

Публикацијата опфаќа широк временски период – од најстарите пишани траги, меѓу кои е и Евангелието според светиот апостол Лука од XII век, преку старословенските и црковнословенските ракописи, османлискиот период, просветителското и револуционерното дело, па сè до Балканските и Светските војни.

Застапени се и значајни државотворни документи, меѓу кои се Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓаните од 2 август 1944 година, како и документи поврзани со поновата историја на државата – нејзиниот прием во Обединетите нации во 1993 година и визната либерализација од 2009 година.

Со овој проект, Државниот архив ја истакнува важноста на еднаквиот пристап до културното наследство и отвора можност архивските содржини да стигнат до поширока публика.

Во реализацијата на проектот значаен придонес има и Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, со посебна благодарност до директорката Александра Јаковчевска за поддршката и соработката.

Погледнете го разговорот во „Здраво Македонијо“ и дознајте повеќе за каталогот „Документи што зборуваат на допир“ – проект кој ја доближува историјата до сите.

Facebook
X
LinkedIn
Print
Email
Соопштенија
Интерен оглас бр.01/2026