Кеј Димитар Влахов бр. 19 1000 Скопје • +389 2 3115 783

Република Северна Македонија

Државен Архив

Изложба по повод Меѓународна Архивска недела

Изложба по повод Меѓународна Архивска недела

Во рамки на одбележувањето на Архивската недела 2026, која годинава се одржува од 8 до 12 јуни под мотото „Архивите за правда: Архивите како активна сила за правдата, меморијата и иднината“, денес во НУ „Музеј на тетовскиот крај“ беше промовирана книгата „Османлиски документи за историјата на Македонија – попис на христијанското население од Скопски санџак, Тетовска каза, 1838/1839 година“ од доц. д-р Аднан Шериф.

За изданието говореа промоторите доц. д-р Бранислав Светозаревиќ и доц. д-р Армен Жарноски, кои ја нагласија неговата научна и историска вредност за проучувањето на минатото на Македонија. Авторот Шериф, кој повеќе од 25 години ги истражува архивските материјали од турските и домашните архиви, истакна дека ова дело претставува значаен придонес за разбирањето на демографските и социјалните состојби во Тетовско-Гостиварскиот регион во првата половина на XIX век.

„Овој попис ги опфаќа машките христијански лица постари од 13 години, кои биле даночни обврзници кон османлиската власт. Тој е еден од првите модерни пописи, а преку него денешните жители можат да ги пронајдат своите предци и да ја почувствуваат врската со минатото“, нагласи авторот.

Доц. д-р Армен Жарноски посочи дека пописот е карактеристичен по тоа што населението не е поделено по националност, туку по верска припадност – муслимани, христијани и евреи. „Оваа поделба имала практична цел, бидејќи христијаните и евреите плаќале данок со кој биле ослободени од воена служба, додека муслиманите биле задолжени и со воен рок“, рече Жарноски.

Историчарот д-р Бранислав Светозаревиќ додаде дека книгата е драгоцен извор за истражување на миграциите, демографијата, топонимијата и старосната структура на населението. „Интересен е податокот дека од 500 жители само пет-шест биле постари од 60 години, што укажува на високата смртност и краткиот животен век во тој период“, истакна тој.

По промоцијата беше отворена изложбата „Документи и фотографии за Македонија од времето на османлискиот период“, реализирана како заеднички проект на Државниот архив и Генералната дирекција на државните архиви при Претседателството на Република Турција.

Со оваа публикација и изложба, Архивската недела 2026 доби силен научен и културен белег, потврдувајќи ја улогата на архивите како мост меѓу минатото и иднината, како и нивната значајна функција во зачувувањето на правдата и колективната меморија.

Facebook
X
LinkedIn
Print
Email