Стандарди и прописи
РАЗВОЈ НА АРХИВСКОТО ЗАКОНОДАВСТВО ВО МАКЕДОНИЈА Паралелно со изградувањето на Република Македонија, изградувани се архивската служба и архивското законодавство. Во периодот 1945-1971 год. преовладува сојузното архивско право над републичкото. Првиот позначаен пропис е Законот за државните архиви од 1951 год., врз основа на кој се формираат Државниот архив на НР Македонија и 9 околиски архиви. Во 1965 год. е донесен Законот за архивската граѓа и архивите, според кој Државниот архив се преименува во Архив на Македонија, а околиските архиви во историски (меѓуопштински) архиви. Со овој пропис добро се регулирани прашањата: обврски на имателите; надлежности на архивите; предавање, откуп и користење на архивската граѓа и сл. Во 1968 и во 1975 год. се донесени две упатства, со кои значително е унапредена практиката на одбирањето и евидентирањето на архивската граѓа кај имателите. Во 1973 год. е донесен Законот за архивската дејност. Со него се доразвива архивското законодавство, кое добива европски лик. Врз основа на Законот, во 1977 год. се донесени Уредба и Упатство за канцелариско и архивско работење на имателите. Како одраз на уставните реформи во Југославија и во Македонија, архивското законодавство на СР Македонија целосно се осамостојува и засилено се развива. Паралелно со осамостојувањето на Република Македонија се изградува и современо архивско законодавство. Во 1990 год. е донесен Законот за архивската граѓа (изменет и дополнет во 1995 год.). Овој пропис и денес е во сила. Во согласност со Законот, извршени се следниве промени: подобрен е статусот на архивската граѓа; Државниот архив на Република Македонија се трансформира во интегрирана управна организација со 9 подрачни одделенија, кои го губат својството на правно лице; воспоставени се единствено управување, финансирање и кадровска политика; создадена е архивска инспекција. Имателите се должни да вршат редовно одбирање и евидентирање на архивската граѓа и во таква состојба да му ја предаваат на Архивот. Општите рокови за предавање на граѓата и за нејзината достапност се 20 год. по создавањето. Со тоа Р Македонија се вбројува меѓу полибералните земји. Врз основа на Законот, во периодот 1996-2005 год. се донесени неколку уредби и упатства, со кои се регулираат следниве прашања: канцелариското и архивското работење на имателите; заштитата на граѓата во воена и вонредна состојба; продолжените рокови за достапност и користење на граѓата; методологијата на стручната работа во организационите единици на Архивот итн. Основна карактеристика на македонското архивско право е што претставува разработен и заокружен нормативен систем. Архивското законодавство значително влијаело и влијае врз унапредувањето на архивската практика, како кај имателите така и во Државниот архив. Тоа денес ги следи светските тенденциии, особено во поглед на меѓународните архивистички стандарди и електронската граѓа.
|
|
|
Оваа категорија моментално е празна |
|
Стандарди